1. Страните ги преземаат потребните законодавни или други мерки за да ги заштитат правата и интересите на жртвите, вклучувајќи ги и нивните посебни потреби како сведоци, во сите фази од истрагите и судските постапки, а особено преку: а. обезбедување на нивната безбедност, како и на безбедноста на нивните семејства и сведоците во нивно име, од заплашување, одмазда и повторена виктимизација; б. обезбедување информирање на жртвите, барем во случаи кога жртвите и семејството може да се во опасност, за бегство на сторителот односно привремено или трајно ослободување; в. информирање на жртвите, во согласност со условите предвидени со внатрешното право, за нивните права и услугите што им се на располагање, последователните активности во врска со нивната жалба, обвинението, општото напредување на истрагата или постапката, и нивната улога во нив, како и за исходот на нивните случаи; г. овозможување на жртвите, на начин и во согласност со процесните правила на внатрешното право, да бидат ислушани, да достават докази и да ги презентираат нивните гледишта, потреби и интереси, непосредно или преку посредник, и дека ќе се земат предвид; д. обезбедување на жртвите со соодветни служби за поддршка така што нивните права и интереси уредно да се презентираат и да се земат предвид; ѓ. обезбедување усвојување на мерки за заштита на приватноста и угледот на жртвата; е. обезбедување, кога е можно, да се избегнува контактот меѓу жртвите и сторителите во суд и во просториите на органите за спроведување на законот; ж. обезбедување на жртвите со независни и стручни преведувачи, кога жртвите се странки во постапката односно кога приложуваат докази; з. овозможување на жртвата да сведочи, според правилата предвидени во внатрешното право, во судница без да биде присутна односно барем без присуство на обвинетиот, секако преку употреба на соодветни комуникациски технологии, таму каде што се достапни.
2. На дете-жртва и сведок на насилство врз жените и домашно насилство им се укажуваат, кога е соодветно, специјални мерки на заштита, земајќи ги предвид најдобрите интереси на детето.
|